Ана Бунтеска: Денот кога пишано ќе е
Денот кога пишано ќе е
За последен пат да вдишам
И со издишувањето
Душава ко птица слободна да летни
Угоре и високо чиниш крај нема
Сакам спокојна да сум
Со насмев на усниве
И очи полни светлина
Та нека е и утре, задутре
Или некоја друга есен
Ама ете така си посакувам
Телото со мир обвиткано ко со шал
Однатре распеано ко срцево на венчавка да е
Мислите ѓоамити џамлии на сонце да болскотат
Та некако убо и топло ми иди
Ко само да ќе се преселам некаде
На некое ново место
Во кое повторно дом ќе си сторам
Денот кога пишано ќе е
За било кој од нас
Да се поздрави и збогум да речи
Ко на долго очекувано патување да ќе појди
Од кое никојпат никој не се вратил
Нека не биди ден полн плач
Ниту тажачки некој да реди
А и црно на себе никој да не облечи
Да биди ден во кој животот славен ќе биди
Оној кој во нас баботел ко камин
Пред кој млади љубовници седат в зиме
Без каење за ниту една дума
Без каење за ниту еден сторен чекор
Без вртење назад и горчливи зборој редење
“Оти можеби можев и поарно”
“Оти можеби требаше поинаку”
Ами нека е ден од спомени убај светнат
Ко божилак после дожд излезен
Ех
Пред денот да дојди
Оној кој пишан ќе е
И кој од раѓање за секој од нас испишан е
Пред тој ден чоек треба да знај живот да тера
И да го слави утрото кое ќе го дочека
Та на колена да падни секоја ноќ
За да се заблагодари шо денот го испраќа
Шо жив и здрав е
Шо тука, меѓу своите е
И она шо од бога
Или од универзумот даено му е
Да знај со чест да го прими
Со срце ширум отворено
Со љубов која со двете раце ќе ја даде
Со милост од која и смртта ќе плачи
Ко ќе дојди денот
Оној ден кој за секој од нас иди
Кога пишано ни е
Кога испишано ќе ни биди
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска