Ана Бунтеска: Денови во крпче

Добивај вести на Viber

Ги врзавме деновите во крпче

Тазе испрано и усушено

Запеглано и без рабови

За да не ни ги засечат спомените

Кои љубоморно ги чуваме од заборав

Ги спастривме сите денови

Во кои смеа имаше

Та внимателно ги тргнавме оние

Во кои солзи исплакавме

И ги оставивме во стакленка

Како додаток на некое јадење

Да го осолиме, да се осолиме

Сите денови во кои свои бевме

Нив ги спакувавме ко за чеиз

Во бело крпче навезено со срма

И секој од нас по едно такво си чува

За да го помириса тогаш

Кога животот одмирисува на убост

И еве години минаа

Ниту заедно сме

Ниту еден со друг се бараме

Оти и онака немаме што да си кажеме

Одамна зборовите ги истрошивме

Што на кавги

Што на евтини ветувања

Од кои ниту душите ниту телата 

Радост не ни видоа

Ама и ти и јас

По некој украден ден од минатото си чуваме

Колку да не заборавиме дека 

Некогаш среќни сме биле

Дека сме се љубеле

И дека да љубиме сме знаеле

Ги сочувавме тие грст денови

Од кои очите ни светеа

И срцата забрзано ни чукаа

Та одвреме навреме

И двајцата носот во нив го пикаме

Колку да се стопли во градите

Колку да заболи малку

За да знаеме дека уште живи сме

Дур не изветреат

И дур од старост крпчињата не се изресат

Та да ги истуриме на неќење

Некаде попатно да ги истресиме

Како да го бележиме патот

Како да ќе посакаме да се вратиме

На патот кој одамна прооден не е

Кој е пуст и празен

Со само еден знак СТОП

На кој секогаш застануваме

И никогаш храброст не собираме 

За да го минеме

Да се вратиме

Еден на друг да си се вратиме


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска