Ана Бунтеска: Дента кога те одболедував
Дента кога те одболедував беше сосем обичен ден,
недела...како денот кога се имам родено,
што (секако) е сосем случајно,
иако во случајности не верувам.
Сабајлината сонце огреа,
а јас сонцето не го сакам на кожава,
а да сме до крај искрени,
ниту тоа е нешто посебно загреано (!) за мене.
Потем, како предвесник,
небото потемне, задува,
а јас како дете истрчав со боси нозе и мокра коса на тераса,
за сите молњи во очиве да ги соберам, небаре ќе светат поубаво.
Дента кога те одболедував,
решив да го поминам сама,
со тишина во главава и музика која во уши ми трешти,
мирна и тивка, впрочем каква што сум секогаш.
Се облеков во зелено,
со пуштена грива и сосем малку шминка,
без ниту една лоша мисла во умот,
со мирни прсти и без трепет во душата.
И се почувствував чисто,
во срцево ми светат улициве измиени од дождот,
зеленилото над мене и мирисот на нов почеток,
во мене, за мене.
Дента кога те одболедував,
беше сосем обичен ден, но полн мир,
беше ден кога вдишав со полни гради
и издишав бев мачнина и бол.
Беше убав ден,
обичен, а толку полн необични знаци,
сонце, дожд, молњи и мир,
овој убав ден...дента кога од тебе се излекував.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска