Ана Бунтеска: До крајот на светот
Трчавме по ветар
За да фатиме малку магла
Ги разигравме облаците
Да го намамиме дождот
Ги собравме сите ѕуници
За да ги нанижиме во ѓердан
Трчавме ко деца на распуст летен
Со налепена земја на коленца
Измислувавме игри
Во кои доброто секогаш победува
Ги згазивме сите причини за да пораснеме
Само за да не ја изгубиме смеата
Трчавме низ годините што врвеа
Денови не броевме
Часовниците ги оставивме под перница
Ѓоамити добрата самовила вечност ќе ни дари
По долапи напикавме ситни лаги
Како парички во џебот на дедо
Трчавме
Не оти знаевме од што бегаме
И не оти знаевме каде ќе стасаме
Само никако не си дадовме да сопреме
Чунки ако застаневме нешто лошо ќе се случеше
Та така трчајќи до крајот на светот стасавме
Или можеби младоста само си ја изарчивме
И еве ме
Ете те
Еве не’
Збунети и со страв кој ни ѕенѕа во душите
Со тешки нозе и лесни мисли
Со лесни желби и надеж полна тежина
Еден во друг се пулиме
Како сила да си даваме
Грбот на крајот на светот да му го свртиме
И залет да фатиме
Назад или наназад
И во едно време убаво да се вратиме
Кога деца бевме
Слободни
Свои
Среќни...вљубени
За Женски Магазин, Ана Бунтеска