Ана Бунтеска: До повторно видување

Добивај вести на Viber

Баба ми двапати умре 

првиот пат кога имав 16 

кога го закопавме дедо ми 

и откако сите се разотидоа 

стоеше сред соба со рацете на градите стиснати 

„не пее појќе, занеме“ 

ете, првиот пат умре кога пилето ѝ умре 

она за дедо ми што ѝ пееше 

го погреба сосе него 

и земја озгора му фрли 

го прежали и него и себе 

после живееше уште долго 

стокмена, дотерана 

со црвен кармин 

и косата спастрена 

небаре за излегување стокмена 

ама очите исти не ѝ беа 

и велеше 

„ќе живеам јас уште долго 

ама не знам колку ова живот е 

сам да легнеш и сам да станеш 

да немаш да прогоориш со некој 

за убо, за лошо збор да скршиш“ 

вториот пат умре кога имав 37 

како свеќа се исуши со желба да ја нема 

да оди онаму каде што припаѓа 

умре сред зима, во февруари 

ко’ да чекаше роденденот да ми замине 

и да се поздравиме 

за раат да оди 

онаму каде што пилето го остави 

за да пропее пак 

да се сретнат и препознаат 

и сакам да мислам дека дедо ми ја чекал 

со букет трендафили какви што им цутеа во дворот 

и дека ќе се изнамуабетат 

ќе надоместат за сето време одвоени дур’ биле 

и дека и таму куќа ќе изградат 

за еден ден 

кога на сите редот ќе ни дојде 

да се собереме повторно 

како дете кога бев 

среќна и безгрижна 

како тогаш


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска