Ана Бунтеска: до тебе да долетам

Добивај вести на Viber

Долго и упорно

Без погледот да го свртиш

И без гла’та удолу да ја нурнеш

Или да се преправаш оти зад мојот грб

Се случило нешто што не се пропушта

Колку во себе љубов имаш

Карши мене за да се сместиш

На студов

Со кафињата пред нас

Со изѕемнети носови и вкочанети прсти

Дур’ цигарите жарат околу

И да си молчиме

Без ниту еден миг

Да зажалиме што тука сме

Или да бараме смешни причини

За некоја глупост да проговориме

Еве

Кажи ми

Или барем едно кратко писменце напиши ми

И така едноставно плукни на хартија

„тука ќе сум Ано“

Или еве

Можеш дури и Ане да ме викаш

Или уште поарно

Јави ми се

За да си ги чуеме гласовите

И од едно „здраво“

На што сме да знаеме

Та јас од еднава страна

К’о шеќер на рингла да се топам

А ти од другата страна

Мижечки да ме замислуваш

Како со свиткани колена под брада

Силно го стискам телефонот

К’о да нејќам да те пуштам од себе

Нејсе пиле

Колку ли време ќе ни треба

За љубење да се одважиме

Без драма од тоа да правиме

Ниту циркус пред останатите

Туку само тивко и полека

Еден пред друг во тишина да застанеме

А некаде над нашите умови Коен да ни пее

Дур’ кроце еден кон друг се приближуваме

Небаре сето време на светов го имаме

Со насмевка

И без збор

Рацете да си ги допираме

И низ нив приказни да си раскажеме

И твојата дланка на вратов дур’ се топли

Мојата отчукувањата на срцето ќе ти ги брои

Еден карши друг

Немо и долго

Толку долго к’о да застанал светов

К’о само ние во него да постоиме

Тивко

Румени ко јаболка зашеќерени

Од уб’ост распаметени

Еден карши друг

Ко векови да се знаеме

Дур’ првпат се запознаваме

К’о во ист кафез крилјата да сме си ги удирале

И иста песна да сме црцореле

Пиле мое

Колку храбар си и мене храбра за да ме сториш

И до тебе да долетам

За да се вгнездам во тебе

Пиле, пиле мое


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска