Ана Бунтеска: Доаѓаме во нечиј живот

Добивај вести на Viber

Доаѓаме во нечиј живот

Демек случајно

Како судбината да не вмешала прсти

Навидум како од небо паднати

Иако Универзумот свој план имал

Да се појавиме некому

Како лекција или искуство

Да научиме нешто и за себе попатно

За никогаш повеќе исти да не сме

Доаѓаме во нечиј живот

Некојпат ко благослов

Некојпат ко казна божја

Да зачистиме некој смет

Или да оставиме ѓубре зад себе

Да светнеме нечиј ден

Или да дозацрниме нечија ноќ

Да минеме како ураган кој пустош носи

Или ко морски ветар кој мириса на спокој

Доаѓаме во нечиј живот

Некогаш како карма

Која нам пишана ни била

За да одболедуваме болки

За кои ниту свесни сме биле

Да се свестиме за тоа колку плашливи сме

И колку во сопствената суета стуткани сме биле

За да излеземе ко поплава да не’ исфрлила

Поболени и прочистени од гревови

Доаѓаме во нечиј живот

И си заминуваме

Или од нас заминуваат

Оние кои кратко време тука се

Ама трага голема оставиле

После која ништо исто не е

Та не знае чоек дал поарно му било

Или полошо од било кога

Пред или после нечија таква посета

Доаѓаме во нечиј живот

И во нашиот идат луѓе

Со кои тешко ни оди разбирачката

Ама пусто

Некако празно е без нив

Та татнат нивните зборови во нас

Како грмотевици од небо темно

И раатот ни го расипуваат

Иако најмалку раат без нив сме имале

Доаѓаме во нечиј живот

Како гости од кои за три дена е доста

И си ги собираме парталите

Пакувајќи ги без ред

Во врзоп кој тежи ко совест

И заминуваме на барање на домаќинот

Без збор и со божемно разбирање

Иако назад сакаме

Избркани од дома, од она што дом ни било


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска