Ана Бунтеска: Дојде време
Дојде време за да ти простам,
за да можам прошка и себе да си дадам,
да те исплачам и за себе солза да пуштам,
оти се насобрала голема тага во душава.
Дојде време од себе да те пуштам,
збогум да ти кажам со глас кој не трепери,
сите спомени за тебе на сигурно да ги тргнам,
некаде каде што во мир ќе почиваат.
Дојде време за да ти кажам дека те љубев,
онака како што најдобро умеев и знаев,
да се помирам дека сепак љубовта доволна не е,
дека има демони кои од неа посилни се.
Дојде време сиот страв во себе да го убијам,
на телово да закрепне да му помогнам,
срцево повторно во едно цело да го стокмам,
кошмарите зад себе да ги оставам.
Дојде време за збогум да ти кажам,
дека каде и да си, ќе ми го чуеш ехото во главава,
ќе знаеш, ќе ми простиш и ти мене за немоќта,
оти толку колку можев, толку останав.
Дојде време за некои нови денови,
нови лица и насмевки, нови лузни и сеќавања,
време за секој по својот пат да замине,
за да се простиме, време за во себе љубовта да ја погребаме.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска