Aна Бунтеска: Дојди дур уште паметиме љубов што е

Добивај вести на Viber

Дојди ми

Оти младоста брзо си оди

Бега ко на мало дете топката

Што случајно ја поттурнува со ноџето

Дур се труди да ја дофати

Дојди ми пиле

Дур уште паметиме љубов што е

И колку е ретка со староста шо иди

Та ни ваму ни таму сме

Умојте ни се веќе уморни

А и телата не’ дробат

Еве

Еден чекор ќе направам

И дланката ќе ја испружам

А и ти не стој во место

Ко да не знајш шо со себе

Дојди ми пиле

Ела ми дур не сум престарела

Дур да љубам не сум заборавила

Дур рацеве уште млади за галење се

Дур лицето ми е уште мазно и светло

Дур срцево не е доотруено од самотија

Само ти дојди ми

Насмеан и со сјај во очите

Ко првпат да се пулиме

А јас ќе знам срцето да ти го чујам

И светлината во тебе да ја видам

Дојди без суета и лажна гордост

Исчистен од црнила и минатото

Та заедно ќе учиме среќата дека минлива е

И колку е скапа радоста

За да не се ценкаме за миг или ден поминат заедно

Дојди ми

Дојди за песна да ти напишам

Една од оние кои ќе се читаат без здив

И која на гради ќе легне

Како топол чај среде зима

За да ни ги згрее срцата оладени

И кафезите во кои пилињата ни спијат

Да ги отвори ширум

Ко портите шо за сватој се отвораат

И со слатко и бистра вода се служат

Пиле

Пиле мое

Дојди ми

Дојди како што кон себе би поитал

Без прашања на кои одговор немаме

Без сомнежи од кои се плашиме

Без празни муабети и шупливи зборој

Дојди со мерак

И од мерак остани

Дур млади сме

Дур тука сме

Дур живи сме

Дојди ми

За Женски магазин,  Ана Бунтеска