Aна Бунтеска: Дожд од испишана тага
Да си ја испишеш тагата на хартија
ама не било каква
тука да одбереш хартија во боја
црвена
како љубовта што ти се капи во страст
зелена
како мирисот на тазе искосена трева
портокалова
како мигот кога сонцето се буди
сина
како небото среде летната горештина
и на листовите душата да си ја оставиш
да пишуваш дур не ти се згади од себе
и дур не ти отрпнат прстите
дур од мастилото ноктите не ти се обојат
а на кожата отпечаток од пенкало да си оставиш
а потем да си ставиш чаша
полна бело и ладно вино
со ќеф да запалиш цигара
среде купот хартија да ги затвориш очите
да појдеш со умот некаде
кај што никогаш не си бил
а знаеш дека токму таму мирот ќе си го најдеш
го допиваш виното
дур ти мириса душата на солен брег
и киниш киниш лист по лист
прецизно и полека
како да е тоа најважната работа на светот
киниш
како да немаш што друго попаметно да правиш
киниш
дур не ти се вкочанат рацете
и дур околу тебе не останат
ситни парчиња шарена хартија
како конфети за нечиј роденден
како за радост да ги спремаш
та земаш чисто платно
големо и бело
и трупаш внатре со двете раце
полниш како да збираш есенски лисја
а потем со голем а толку лезен врзоп
се качуваш на врв на оние високите кули во Градски Ѕид
таму кај што едно време градот од високо го гледавме
а сега ништо не ти се гледа
и стоиш на работ дур срцето забрзано ти чука
оти знаеш дека само еден чекор е во прашање
та го одврзуваш платното
и го растресуваш ко трошки после ручек
само што сега пилците нема да се најадат
туку само го прекриваш градот со хартиен дожд
дожд од испишана тага
За Женски магазин, Ана Бунтеска