Ана Бунтеска: Дур во душава не преврне
Ете, некогаш гола на дождот би стоела,
со наметка од стихови на себе,
среде молњи и татнежи би се исправила
и оној горе би го предизвикала,
потоп да направи, синкир страв ми е,
синкир немам потоп во душава.
И тогаш би врескала посилно од грмотевиците,
баш да видиме чиј бол е поголем,
ете токму така, би врескала на сиот глас,
дур не ми испукаат вените на грлово,
дур гласот не ми исчезне, да занемам,
со ехо од твоето име во мислите.
Рацете горе високо би ги кренала,
како да можам небото да го дофатам,
облаците на себе да ги облечам,
на плешките крила да си наместам,
оти оние моите одамна отпаднаа,
небаре никогаш и не сум ги имала.
Потем мирно, без брзање би заминала,
некаде, каде што ќе можам како дома да сум,
ете таква, гола, бесна и занемена,
среде дождот, како да не го приметувам,
исчистена од сопствените демони,
со спокој во градите и рамномерно дишење.
Попатно и кожата ќе си ја слечам,
твоите допири сосе неа ќе ги прескокнам,
и од дланките сите зборови за тебе ќе ги истресам,
да се слеат со дождот, никој да не ги најде,
оти фајде од нив ниту ти, ниту јас имавме,
небаре љубовта преку нив ја живеевме.
Ете, некогаш на дожд со векови би стоела,
да измие се’ од мене, се’ од што сум исткаена,
да заборавам, да простам и во себе да се помолам,
заборавот нека излечи, телово нека го закрепне,
со векови со погледот нагоре би стоела,
дур не престане, дур во душава не преврне.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска