Ана Бунтеска: дури и пеколот само девет кругови има

Добивај вести на Viber

Ќе мине

Ќе си минеме еден на друг

Ти мене

Јас тебе

К’о да било во некој друг живот

Толку одамна што нема да сме сигурни

Ниту дали навистина сме си се случиле

Ќе мине

Ќе си минеме к’о настинка

К’о ништо никогаш да не било

К’о да сме слушале приказна за некои к’о нас

И малку ќе подболува

Ама сосем малку

И ќе мине

К’о на кутриња ќе ни мине

Слеани во денешницата

Нема да му ја мислиме за утре

Ниту пак ќе се навраќаме на вчера

Ќе живееме за сега и овде

И нема да си дозволиме да подзастанеме

И во спомени да се враќаме

Оти дури тогаш стапот сме го јале

И дури тогаш бегање нема

Затоа со главите во ѕид ќе си маваме

И дека треба да боли ќе се убедуваме

И ниту еден од нас веќе нема рака да пружи

Ниту другиот некако ќе го побара

Ќе удираме со главите во ѕидот

Оној кој сами го изѕидавме

И ниту пенџерче не оставивме

Ете, барем одвреме навреме да се ѕирнеме

Во душите да си видиме

Како сме

До кај сме

Знаеш...

Ќе мине

Сигурно ќе мине и полесно ќе е

Ма мајку му

Дури и пеколот само девет кругови има

Ќе ти мине

Ќе ти минам

Ќе ми мине

Ќе ми минеш

Ама пусто љубовта како да помине

Како неа да ја снема

Оти и ти и јас ќе минеме

И на различни места коските ќе ни ги закопаат

Ама љубовта

Таа како да мине

Да ти мине

Да ми мине


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска