Ана Бунтеска: џелатот со нежна рака

Добивај вести на Viber

Можеш да ме здробиш

како исушен лист

низ прсти да ме изрониш

и кожава да ми ја слечеш

небаре ме соблекуваш

љубов за да водиме

можеш да ме лажеш

како дете да ме мамиш

и слатко во себе да се смееш

и клише приказни да плетеш

во нив до гуша да ме облечеш

како мајка, чедо во зима

можеш да ме повредиш

со збор, премолчен или кажан

сечилото исто ќе боли

и да ми се потсмеваш

на погледот кроток што ми е

небаре јагне на колење носиш

можеш да исчезнеш

со денови и недели

без да се завртиш

и можеш да се вратиш

сиот самобендисан

со доза презир кон мојата слабост

и можеш сѐ

сѐ што на ум ќе ти дојде

ама не можеш љубовта да ми ја земеш

онаа што во мене живее

која не е врзана со твоето его

ниту пак со мојата слабост

не можеш ете нејзе да ми ја земеш

ниту да ја испоганиш

ниту пак можеш во прашинки да ја сториш

таа форма нема за да ја скроиш

и не можеш да ја измесиш и обликуваш

ниту да ја изедеш можеш

не можеш дури ни на себе да ја облечеш

па да се перчиш со неа

небаре жена пред љубовник што шета

таа е камен и пердув

железо и свила

црно и бело

и не умира оти тело нема

ниту ти суди оти ум нема

таа е мојот зачнувач

на новороденче првиот здив

и џелатот мој

кој со нежна рака полна милост

тивко и полека убива

дур’ те гали

дур’ те милува


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски