Ана Бунтеска: Еден век...во тишина

Добивај вести на Viber

Подари ми....тишина...

да ме обвие заводливо,

како пред љубовник гола да легнам...

да ми се пикне во телото,

во порите здивот да и’ го сетам,

да замирисам во душава...на спокој...

во коса да ми се вплетка,

како ортома рацеве да ми ги врзи

за да не сум веќе проклета стих да напишам...

да ми го ниша телото како на доенче,

да води љубов со мисливе, да ги скроти...

Тишина за да ми ја шепоти последната приказна за животот,

тишина за да ме припреми за смртта...

да ме нахрани со мир,

со утешителен вкус на самотија да ме засити....

да ме љуби,

да ме боли до распаѓање на срцето...

тишина да ме уплаши,

тишина во која ќе го исплачам гревот кон себе

и желбата по тебе...

тишина која стега како чифт нови чевли

и засекува како жилет...

тишина која мириса на свежа крв

и човечки трулеж...

истата онаа која ја мразам кога ја имам,

а  по која копнеам кога ми вреви во умот...

онаа која ме одржува во живот,

како на апарати да сум приклучена...

и онаа која ме убива, ме гори и пеплосува...

Денот кога ќе умрам,

ќе е тивок...ќе е нем,

денот кога ќе ме снема,

како грешник ќе посакам последна желба...

Во следниот живот да сум тишина...

Твоја...


За Женски Магазин, Ана Бунтеска