Ана Бунтеска: Еј Ана, напиши ми песна

Добивај вести на Viber

(За една љубов, која ме боли како да е моја)

Ги препливав сите желби кои ме носеа до тебе,

онака, гола без страв и срам,

без да помислам на студенилото на водата,

или на љубопитните погледи,

оти очи имав само за тебе,

ти, што ме чекаше на другата страна на реката.

Колку сум некогаш смешна и луда,

ниту мост побарав,

не, не го побарав полесниот начин,

барем не кога ти беше во прашање

и така гола препливав,

со крик од галеб во умот.

А на другата страна ти,

ме гледаш со насмев додека гола од вода излегувам

навален на стара, дрвена клупа,

а до тебе велосипед со корпа полна булки,

со смешен качкет кој само тебе ти прилега

и раце полни ѕвезден прав.

Ме чекаш со очи ширум отворени,

со мирис на штрудла со мак,

мал рај во две спакувани кафиња,

шарен чадор, оти рекоа дека ќе е врнежливо,

а мене ми е сеедно

и онака сум веќе наводенета.

Не се ни обидувам да се облечам дур доаѓам накај тебе,

на себе имам љубов, доволно е нели...

ти мирисам ли убаво?

да, на детски крем и копнежи,

имам и парфем, цветен е,

од оној, знаеш...оној што ти го сакаш.

И седиме долго на нашата клупа,

како еден цел живот да минуваме таму,

јас, гола пред тебе,

ти, со душа соголена пред мене,

молчиме и гледаме горе,

небаре месечината ги има одговорите на нашите премолчени прашања.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска