Ана Бунтеска: Ете, некогаш се прашувам

Добивај вести на Viber

Ете, некогаш се прашувам

дали ќе можеш молкот да ми го љубиш,

да ти е спокојно кога со денови не зборувам,

да не ме прашуваш дал сум тажна или ме мачи нешто,

да се привикнеш на тишината која ми го обвива телово,

без да помислиш дека сум те отсакала.

Ете, некогаш се прашувам

дали лудилово ќе можеш да ми го љубиш,

кога немири ме фаќаат па со згрчени прсти чекам да излезат од мене,

кога пишувам како животот да ми зависи од секој збор кој во мене тлее,

кога отпосле сум уморна небаре сум се породила врз хартијата пред себе,

без да помислиш дека сум секаде, само до тебе не.

Ете, некогаш се прашувам

дали ќе можеш стравовите да ми ги љубиш,

дур стуткана во себе од болести се плашам,

дур смртта ја предизвикувам небаре партија шах ќе играме,

дур ја гледам ќерка ми како спие и си велам “само да доживеам да порасне”,

без да помислиш дека во оваа луда моја глава не постои верба и надеж.

Ете, некогаш се прашувам

дали ќе можеш ваква да ме љубиш,

ќутлива во денот и бесна штом квечерината ја намирисувам,

мирна дур сум некаде меѓу луѓе а гладна по твојот допир дур сами сме,

отсутна дур пишувам а толку присутна дур во очи те гледам,

без да помислиш дека не можам да ти бидам се’ што ти треба.

Ете, некогаш се прашувам

дали си спремен за мене, за мојата тивка љубов,

а која вреска од страст, продира во тебе, обзема и дава,

која е како плима и осека, ден и ноќ, црно и бело,

која пред тебе ја постилам, без ништо да барам,

освен што, ете, само сакам да знам, дали ќе можеш да ме љубиш.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска