Ана Бунтеска: Ете така сакам

Добивај вести на Viber

Некогаш само сакам да те мириснам,

да ти пријдам од некаде,

набрзина да го пикнам носот во твојот врат

и да заминам,

небаре душата на место ќе ми дојде.

Некогаш ете ми доаѓа да те допрам,

на поминување,

како случајно демек,

колку кожата на мојата да ти ја сетам,

за низ денот со себе да те носам.

Некогаш би те вкусила за миг,

шепотејќи ти нешто навидум многу важно,

со јазикот да те допрам,

воздушесто и тивко,

колку да можам гладнава утроба да ја смирам.

Некогаш би можела со часови да те слушам,

прашувајќи секакви глупости,

правејќи се дека разбирам

или не разбирам,

колку гласот твој во умот да ми седи.

Некогаш мислам еден живот малку ќе е

за да ти се изнагледам,

па зјапам во тебе како во трка со времето да сум,

оти знам дека е пишано да се изгубиме,

па ти ги впивам сите црти од лицето, за спомен.

Некогаш сакам да останеш во мене еден век,

па ги стискам нозете и

посакувам да можам да го заковам времето на крст,

сите твои семиња во матката да ми се вгнездат,

дел од тебе да остане засекогаш мој.

Некогаш сакам да имам доволно време

пред да ми дојде времето...за онаму,

за да ми одмрзне устава и одморат прстиве,

ете, само за да ти кажам ...

те љубам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска