Ана Бунтеска: Езерото беше мирно денес
Не е доволно да останеш
Не е доволно да не си одам
Не е доволно да се насмееме
Не е доволно да се преправаме
Не е доволно за раце да се држиме
Не е доволно со прстени да се оковаме
Не е доволно дома заедно да заминеме
Не е доволно во иста постела да легнеме
Не е доволно љубов да водиме
Не е доволно дете да зачнеме
Не е доволно години заедно да броиме
Не е доволно складно да се облекуваме
Не е доволно ист вкус да имаме
Не е доволно лаги да си кажуваме
Не е доволно старост да си ветиме
Не е доволно на стравот да заборавиме
Не е доволно на иста трпеза да седиме
Не е доволно меѓу нас празнина да нема
Не е доволно во тишина да се будиме
Не е доволно во спомени да живееме
Не е доволно
Не ми е доволно
И знам дека и тебе не ти е
Оти ми фали и ти фали
Нешто што магија се викаше
И која можеше од бура-ѕуница да стори
Од неспокој-совршен мир
Од мисла тешка-приказна незаборавна
Не е доволно
Не ми е и не ти е доволно
Она што сега го живееме
И во кое како давеници тонеме
Дур на брегот од нашата дамнешна љубов стоиме
Како одземени
Како неми
Болно свесни оти невреме доаѓа
И оти во душите нешто ни бранува
Иако езерото беше мирно денес
Скоро нечујно
Скоро како да не постои
Скоро како да сме го измислиле
За Женски Магазин, Ана Бунтеска