Ана Бунтеска: Годинава ја почнав ко после царски рез

Добивај вести на Viber

Ти почнува годината ко после царски рез

Олеснета од товар кој душата ти ја кинел

Па некако чудно ти е

Дишиш поинаку

И мислите инаку ти течат

Ниту те мачи несоница

Ниту пак себе се измачуваш

Умот чист ко снегот кој го чекам

А срцето растреперено оти убо му е

А колку да не заборавиш како не треба

Одвреме-навреме раната од царскиот си ја гледаш

И ја напипуваш

За да не заборавиш колку тежина ти носела

И да не изумиш колку те болело

За да паметиш за стално

Дека љубовта не смее така да боли

Ниту пак смее да те раскрвари до умирачка

Да знаеш

Да паметиш оти зборови и дела исто не се

Дека зборовите ќе отупат и мемла ќе фатат

Дека делата се тие кои чоекот го крепат

Ете затоа раната од царскиот ќе си ја сакаш

И ќе ја милуваш ко чедо да ти е

Оти таа останува да сведочи за сиот бол

Дури и тогаш кога ќе заборавиш

Да ја напипуваш

И да знаеш дека човек кога љуби не тормози

Чоек кога со срце љуби

Срцето го дава, а не зборовите

И дека секоја болка ја лечи

А не ти создава нова, а врз неа уште една

И солзи радосници ти пушта

Од смеа и убајни

А не од бол

Никако од бол

Оти исти не се

Оти овие вторите пржат и лузни оставаат

Годинава

Годинава ја почнав ко после царски рез

Олеснета

Насмеана

Со топлина во душава

Со мисли полни љубов

И срце полно убави луѓе

Годинава ја почнав како прва да ми е

Освестена

И здрава

Како после царски рез

Од кој нов живот излегува

Амин!

  За Женски магазин, Ана Бунтеска