Ана Бунтеска: Гола пред тебе стојам

Добивај вести на Viber

Можеш ли да ме видиш?!

се соблекувам пред тебе,

на стравот копчињата му ги откопчувам

и го вадам од себе...полека и целосно...

гола пред тебе стојам.

Можеш ли да ме почувствуваш?!

ми паѓаат сите штитови врз душата натежнати,

и не, со нив не сум повеќе безбедна,

туку само срцето во мраз ми беше оковано...

гола пред тебе стојам.

Можеш ли да ме намирисаш?

чај од јаболко и цимет,  сол од исушени солзи,

мирисам зелено како оросена трева сред лето

и на колачиња со портокал и урми...

гола пред тебе стојам.

Можеш ли да ме допреш?!

воздушесто и нежно како да сонам

и во сонот здивот да ти го сетам,

наместо со врисок, со насмев да се будам...

гола пред тебе стојам.

Можеш ли да ме вкусиш?!

на непцето љубовта да ми ја сетиш,

а потоа соџвакај ме и полека проголтај ме,

засити се со мене...

гола пред тебе стојам.

Можеш ли... дали можеш,

да ме видиш и почувствуваш,

намирисаш, допреш и вкусиш,

да ме облечеш во твојата прегратка

додека вака...

гола пред тебе стојам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска