Ана Бунтеска: Горко –слатко... слатко –горко
никого да не сакаш толку
за да ти се скине душата
никого...
оти после таква љубов
нема да ги сеќаваш другите
и нема да го познаеш тој што лек ти е
од Господ пратен за да те зацели
да залепи таму кај што се скинало
ете тој, тој без љубовта твоја ќе е
оти очи ќе немаш за да го видиш
и ко’ глува за зборовите негови ќе си
оти умот и срцето кај оној ќе ти биде
е таму, кај оној што ти ја потпалил среќата
од чии раце кожата те боли
и од чии усни твоите те печат
горко –слатко
слатко –горко
никого
никого толку да не сакаш
за да се поболиш
за да станеш сенка
од која и сонцето бега
сакај со усул
сакај се себеси повеќе
барем трошка повеќе отколку него што го сакаш
еден здив повеќе, доста ќе е
тој здив за себе да го имаш
за да го задржиш кога најмногу ќе боли
да го голтнеш тогаш кога телото те вие
кога ти умира вербата
и кога ти застудува сред лето
тој здив ќе те спаси
и со него ќе преживееш
тогаш кога ќе го сретнеш
од тој здив нема пред него да паднеш
тој на нозе ќе те држи
и главата горе ќе ти ја крепи
како сѐ да е токму
како сѐ тамам да ти е
насмеана – а умрена
своја – а толку негова
горда – а на колена падната
тој здив ќе ти даде уште некоја година
дур’ не ти се смачи
и од себе и од него
од љубов и болка
од отрови и лекови
и ќе го испуштиш
иако знаеш дека последен ти е
ќе го испуштиш оти не ќе ти се живее повеќе
оти од себе без него доста ќе ти е
и гадливо ќе ти е како тој без тебе преживува
ете затоа
никого да не сакаш толку
за да ти се скине душата
никого...
оти по таква љубов
ниту љубов има
ниту живот има
ништо
ништо не останува
освен еден осамен здив.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска