Ана Бунтеска: И чекор по чекор си го врвиме патот

не ми е срам од пораз

ниту од бол ми е страв

во овие 43 лета и зими

изминало многу

и пораз и бол

срам и страв

па некако знам

дека ништо од тоа важно не е

оти вака или онака

со себе само душите ќе си ги однесеме

и ете

замислувам како во ред чекаме

секој со својот врзоп

а внатре гревовите си ги носиме

некому врзопот му е тежок

ко камења внатре да носи

а некому

некому лесен како пердув

па во редот многумина подгрбавени се

со длабока брчка меѓу очите

а некои пак со насмев на усните мирно чекаат

и чекор по чекор

си го врвиме патот

полека и без брзање

без разговори

ниту пак со мисли во умовите

олеснети од говор

натежнати од врзопите

кои од раѓање ги полниме

како што срцата со љубов

или омраза ни се полнат

па и тие дур сме живи

ни тежат или лесни ни се

широки или стиснати

мазни или рапави

ете така цел живот ги полниме

капка по капка дур не прелее

дур не престанат да чукаат

мирно, во сон

или среде итаница

со бакнеж или клетва запечатени

како писма затворени

и во кутија спакувани

силно во јазол врзани

и закопани

длабоко во земја закопани

заедно со телата истрошени

од овој живот уморени

за во следниот

ете во тој

да се разбудиме олеснети


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска