Ана Бунтеска: и тебе ете таква-никаква убава ќе ти бидам

Добивај вести на Viber

Покрај тебе знам дека не ќе имам страв од стареење

ниту пак смртта ќе ми биде на ум низ денот што оди

и не оти знам дал’ сме си пишани во ѕвездите онаму

горе

или пак тука и сега патиштата ни се во обратна насока

ама знам дека одамна те имам намирисано

и не сум мудра за да ти кажам од каде и како

те познавам

можеби те памтам од оној другиот живот

и баш ми е гајле што можеби на старост ќе те сретнам

кога сета ќе бидам избраздена во ликот и побелена

оти фалтите на срцево ќе ми ги испеглаш

и тебе ете таква – никаква убава ќе ти бидам

а душава од стариот ченгел ќе си ја симнам

ќе засвети како нова да е

како руво на кое уште етикета стои

и ќе го натнам на себе како млада невеста белиот

фустан

та ќе пее пилето

ќе пее како никогаш досега што не пеело

и младоста за час ќе ми се врати

и годините наназад ќе почнат да одат само за нас

двајца

за на старост, младоста заедно да ја врвиме

ти и јас молкум ќе чекориме... некаде... сеедно

рака в рака силно стиснати како ветрот да може

да нѐ одвее

ете толку знам со оваа моја луда глава

дека покрај тебе и јас не ќе се плашам своја да сум

и нема ич да се секирам што пишувалото ќе ми секне

оти тогаш ќе те живеам, а не како сега да те пишувам

и нема да сум осамена во молкот на моиве погребани

зборови

оти не ќе ми требаат освен да ти кажам дека среќна сум

па нема повеќе фермани сред ноќ да токмам

и душава на листови хартија да ја ставам

таква гола и боса како трпеза од која може секој

да се послужи

покрај тебе некако сѐ ќе има смисла

па дури и безначајните нешта ќе бидат како долго

очекуван дар

живејачката ќе е посвежа, а смртта бајата ќе стане

оти па и чуму ти е животот ако не го сретнеш оној

кој можеби и не ти е пишан во ѕвездите

и чиј пат е можеби сосем различен од твојот

ама душата ти го знае и срцето ти го препознава

и ете, тие го бараат до тебе да ти биде

тука

блиску

покрај тебе

за да останеш и ти покрај себе


За Женски Магазин, Ана Бунтеска