Ана Бунтеска: и тој терсене к’о мене
Од немукает
така баба ми велеше
е така од немукает и јас ќора
оти умот кај тебе ми беше
(улава жена!)
и при очи ништо не гледав
никого
ниту него
а тука бил цело време
додуша и тој терсене к’о мене
збор – алтан
тука – а го нема
ама питом и кроток
убав човек
и низ годиниве да собереш
дали два реда муабет сме врзале
ама насмевките благи к’о шербет ни биле
к’о со баклава да сме се нагостиле
и сетне со месеци не ќе се сретнеме
ама секојпат убаво на душава
не се познаваш, а се знаеш
ниту маките сте си ги кажале
ама лузните к’о исти да се
и ко’ се гледаш како во огледало да се џариш
знаеш дека душата к’о твојата му е
дека лош кон себе е
колку што кон другите арен е
и те фаќа жал
што за него
што за себе
и милост во срцето ти се прелева
како ко’ ќе ти тргне со виното
и кротко се опиваш
не правиш зулум
ниту ти се познава
ама ти пее внатре нешто
и ти иде раката в гради да си ја пикнеш
тоа убавото пиле да го погалиш
така некако за него ти е
како својата душа низ неговата да си ја милуваш
и пак месеци
а може и години ќе минат
ќе се опулиме
збор-два ќе си кажеме
и секој на своја страна ќе заминеме
и ко’ ќе се сретнеме
к’о вчера да било
така очите ќе ни светат
нему – мене ко’ ќе ме види
стаклава зелени – ко’ ќе го видам
и убаво ми е
оти знам оти тука е
во близина
во мисливе
во душава ми влегол
од тие неколкуте
малкутемина кои таму ми спијат
од тие е
тој убав и молчалив човек
чиј збор – алтан е
чиј поглед – мелем е
моето огледало
убавата слика негова
во која себе се гледам
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска