Ана Бунтеска: Има денови кога пишувам за да заборавам

Добивај вести на Viber

има денови кога пишувам за да запомнам

се’ што сум сакала да ти кажам

а останало закопано во мојата насмевка

да се присетам колку среќна бев

и светот во рацеве го држев

светлина која мислев дека можам да ја крепам

а дланките не додржуваат

мали се за толку љубов да зберат

и срцево што поболено ми е

како на две пресечено со лепак од лаги меѓу половинките

а го лечам со дребулии и вино

украдени ноќи во кои лутам низ улици

залажување дека добро сум, добро сум

а не сум...ете, не сум

има денови кога пишувам за да ми олесни

небаре хартијата толку силна е

за болкава на неа да ми лежи и таму да остане

па ја гледам како се распаѓа од напукнати зборови

и поарно ми е

барем за момент како сета тежина да ја снемува

и легнувам силна и полна надеж

а утрата со мачнина ги врвам

до следното соблекување тука, пред сите

кога кожата си ја вадам и велам “еве, исти сме”

сите исти сме кога љубиме и тагуваме

истите лузни во градите си ги носиме

како тетовирани да сме во душите

исти сме, проклето исти сме

има денови кога пишувам за да заборавам

од себе мирисот да ти го извадам

и допирот од лицево да ти го откорнам

ништо твое во мене и на мене да не остане

та ми иди јазиков да си го откорнам

за вкус повеќе да не чувствувам

и од очиве привезок за ланче да направам

за во други повеќе да не те барам

и некогаш ми успева

како да не сум јас, како анестезирана

тивка и мирна, празна и глува

до некое следно пишување

во кое како непоканет гостин ми доаѓаш

како ова сега, како сега...како ова

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска