Ана Бунтеска: Има една песна
Има една песна
Која мојот народ заборави да ја пее
Како никојпат да не ја знаел
Како да не постоела
Како избришана од сеќавањата
Од кои зјае црна дупка
Има една песна
На која одамна ора не се вијат
Ниту зурли и тапани пиштат
Како да занемела земјата
Та тишината стасала до небо
Во која и душите заборавиле да ни се радуваат
Има една песна
Од која сите сме се намовнувале
И која чинам мртвите ги кревала
За да го изиграат последното три напред, едно назад
Како аманет на оние кои остануваат
Да не изумат, да не отиде во ветар
Има една песна
Со која срцата полни ни биле
Како мевовите после најаска
Како грлата после црно вино
Од која солзи на очи ни стаклеле
Од убост, само од убост
Има една песна
Од која згаснувал детски плач
И кикотот ечел низ полиња
Та се чини како да гргори милоста
Во која сме се капеле
Како во вода осветена од три попа
Има една песна
Песна која мојот измачен народ ја заборави
И која никој повеќе не ја пее
Ниту зборовите и’ ги памети
Ниту пак знае како одеше мелодијата
Та само некојпат
Ама многу ретко и кратко
Како да се слуша звук од небото
Како само тоа да не откажало од нас
Како татнеж
Како болка
Како викот за будење
На таа прекрасна песна
Која мојот народ повеќе не ја памети
Од која одамна се откажал
Песна која живот дава
Која се пее како последно да е
Од која човек повторно се раѓа
Песна која мора да си ја вратиме
За себе, за нашите деца
Таа заборавена песна
Песна за среќата
За Женски магазин, Ана Бунтеска