Aна Бунтеска: Имам зборови кои никогаш нема да стасаш да ги прочиташ

Добивај вести на Viber

Имам зборови

Од кои вечера ти спремам

Вкусни и топли

Ко тазе леб од фурна изваден

И онакви

Кои се како во прав-шеќер извалкани

Та ти се чини оти гурабии во уста ти се топат

Имам зборови

Од кои кожата ти се морничави

Како со прст по грбот да ти врвам

Сосем полека и нежно

Од врвот на главата

Па до долниот дел од половината

Имам зборови

Од кои кожата претесна ти станува

А срцето ти прерипува

Ко стара плоча на грамофон ставена

Како со нокот кај градите да те засекувам

И со јазикот нежно крвта ти ја лижам

Имам зборови

Од кои од ум не ме вадиш

И кои едвај чекаш на уво да ти ги шепнам

Со мал загриз од кој воздивнуваш

И цела ноќ неспан остануваш

Имам зборови

Од кои ти иди да ми врзеш една преку уста

Погани и во лутина кажани

Остри ко ножеви

Кои печат ко сол на рана

И чиј вкус уште долго горчи во устата

Имам зборови

Од жар отпретани

Со кои лузни ти оставам

Та не знаеш дал да ме колнеш

Или со бакнежи да ме замолчиш

Та некојпат

Колнејќи ме, ме бакнуваш

Или меѓу два бакнежи клетви ми кажуваш

Имам зборови

Како од Сибир донесени

И во коцки мраз престорени

Од кои усните ти замрзнуваат

И ништо не чувствуваш

Освен студена празнотија во мојот поглед

И рамнодушност од која душата на две ти станува

Како писмо напишано

И свиткано во плико за да биде пратено

Имам зборови

Имам зборови од кои хартијата ми плаче

И кои се поостри од жилет

Кои детето во мене го замолчуваат

И во жив мртовец ме престоруваат

Кои зујат околку ко досадни муви

И маваат ко камшици

Имам зборови

Од кои се плашам

Кои не знам ниту од каде доаѓаат

И дали некогаш ќе ме напуштат

Или заедно со мене ќе ги закопаат

Имам зборови

Кои и после мене ќе останат

И тебе ќе те надживеат

Кои никогаш нема да стасаш да ги прочиташ

И да им се радуваш

Или врз нив да тагуваш

Имам зборови

Кои мене ме имаат

И кои еден ден за мене некому нешто ќе раскажат

Долго откако ќе ме нема

Ќе те нема

Ќе не’ нема

  За Женски магазин, Ана Бунтеска