Ана Бунтеска: Изговори го моето име

Добивај вести на Viber

Некогаш кога си близу, многу близу до мене,

дур ти го слушам дишењето

и ти го чувствувам здивот на кожава,

ете токму тогаш си ми најдалечен.

Оти ако очиве ги затворам,

може да си секој, било кој,

со ладен допир и глас кој не го препознавам,

со мирис собран од нечија туѓа постела.

И тогаш молчам,

тогаш јас си одам од тебе,

иако рацете ни’ се допираат

а прамени од мојата коса ти лежат на рамото.

Ти сосем несвесен за моето заминување,

ме измиваш полека во своите желби,

поминуваш со воздушест допир по моето голо тело,

кружиш околу мене како ловец,се восхитуваш на белината.

Сакам тогаш да ти кажам дека ме боли секој твој допир,

дека ми жежи, дека ми остава траги под кожава,

оти знам дека не е за мене,

дека нечиј друг лик во умот ти жари.

Не ме гледаш во очи,

за тајната засекогаш да остане неизговорена

и нејзиното име премолчено,

впрочем ако го изговориш, тогаш повеќе и не би била тајна.

На очите имаш превез од страст,

обоен во бои кои не ги препознавам,

тешки и мачни бои кои се претопуваат,

а јас го ловам твојот поглед, безуспешно.

“Погледни ме”, ти шепотам со глас полн бол,

глас, кој се распрскува околу нас,

не те допира, не стасува до тебе,

небаре испаруваат зборовите како летен дожд.

“Изговори го моето, моето име кажи го”, молежливо ти шепотам,

дур во мене расте стравот,

испреплетен со гнев и немоќ,

а битката со себе ми е однапред изгубена.

Се насмевнуваш,

а твоите раце ме испитуваат,

дури во мене трепери неизвесноста,

пулсира до болка и ме грчи.

Твоите прсти не се повеќе нежни,

грубо ме допираш,

а модринки се појавуваат само во мојата душа,

оти на телово веќе ништо не чувствувам.

Не зборувам, молчам, те оставам,

нема назад, нема враќање,

болката е како стар, добро познат пријател,

”добредојде”, и’ вели моето срце.

Молчиме и двајцата,

не те препознавам во овој облак од тишина,

кој ме гуши и насолзува,

а ти никогаш не си ме ни знаел.

Неизговорено остана моето име,

додека нејзиното ти вреска во умот,

неизустена мојата болка,

додека твојата е некаде далеку, собрана во нејзината зеница.

Останува само мирис после нас,

густ мирис на пораз и празнотија,

во кој ти бараше нечија туѓа воздишка,

а јас последната моја за тебе, ја проголтав.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска