Ана Бунтеска: „изгубениот пат“
Плетеше баба ми, многу плетеше
ја паметам со ченгелчето и конците
со комплицирани шеми кои не ги разбирав
и не ми беше јасно зошто толку време и труд
кога имаше толку други работи кои можеа да се прават
ама ете, таа плетеше
неуморно рацете ѝ вртеа
дури и кога ги слушаше вестите или муабетеше
со комшиките
кои доаѓаа со плеталата и торби полни конци
та минуваа часови движејќи ги прстите и устите
си разменуваа рецепти и животни совети
малку и се потчепнуваа чија снаа е полоша
ама години и години создаваа украсни чаршафи
за маси
прекривки за кревети
миленца кои никогаш не се користеа
„чупче, за чеизот твој ги токмам
оти срамота е да влезеш во нечија куќа така
к’о гола да си, к’о да немаш фамилија!“
е така велеше баба ми дур’ ме погледнуваше
низ очилата
меѓу две вртења со рацете со брзина на светлината
а мене смешно ми беше
па си велев чуму сите тие дреболии
чуму толку труд и зацрвенети очи
а сега баба ми ја нема
еве, деновиве веќе седма година како е кај дедо ми
а мене ми останаа чаршафите
едниот од нив паметам дека се вика „изгубениот пат“
спомени ми останаа и еден куфер бели
и крем-боја чаршафи
мирисот нејзин во умов и нијансата на нејзиниот
црвен кармин
ама сега знам, сега разбирам
знам оти на овие години рацете треба да ти вртат
за да не ти се сврти умот
дека тој сам си фаќа пат ако не го спрегнеш к’о коњите
што ги спрегнуваат
па можеби плетењето на баба ми во тоа време е моево
пишување сега
оти и јас плетам
зборови плетам за чеиз на ќерка ми
кој веројатно ќе заврши во некој куфер
или пак таа ќе си го најде своето „плетало“
за да си го варди умот
за да не му дава многу да се рашетува на стари години
оти со умот никогаш начисто не си
та пушти го од вид и ене, забегал некаде
и сега ми иде да можам на баба ми да ѝ речам
„знам, види дека и јас плетам
малку поинаку, поразлично
ама исто комплицирано, а воедно и едноставно
сега знам и сакам да можеме заедно да си поплетеме
оној твојот „изгубен пат“ во кој и јас се најдов
во кој ме има, во кој те има“
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска