Ана Бунтеска: Ја запустивме љубовта
Ги истрошивме думите за љубовта
Како евтин сапун без мирис
Одмиен со застоена вода
Од која гревовите не умираат
Ги отфрливме зборовите за љубовта
Како дотраени алишта изгризани од молци
Никојпат за радост облечени
Ниту за страст слечени
Ги раситнивме прегратките на љубовта
Како парички во бакалница
Со кои никогаш не можеш да го купиш
Она што навистина ти треба
Ги продадовме бакнежите на љубовта
За една шака лажни надежи
Со кои утеха никако да најдеме
А без кои не знаеме како да преживееме
Ја истрошивме
Ја отфрливме
Ја раситнивме
Ја продадовме
Љубовта угол гола ја оставивме
Ко бездомник во зима без палто
Ко питач без корка леб в рака подадена
И на неа заборавивме
Како никогаш во себе да не сме ја носеле
Та се лажеме дека среќни сме
Дека убав животецот ни е
Ваков-никаков без љубов
Сиромави во џеповите
И посиромави во душите
Лажеме или се залажуваме
Дека и вака се може
Без трепет од кој здивот забрзува
И без допир од кој телото заживува
Ја истрошивме љубовта од лаги
Ја отфрливме од стравови
Ја раситнивме од пусти ќефови
Ја продадовме од аздис
И сега во небрано сме
Оти ни се има налутено
Та грбот ни го завртила и в ќош се пикнала
Ко дете кое казнето е
И во очи не сака да не’ опули
Таа љубов човечка која ја запустивме
Оти од луѓе-нелуѓе излеговме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска