Ана Бунтеска: како да не сме си се случиле
Не зборуваме
Избегнуваме да говориме за сѐ што важно ни е
А ломотиме без престан за времето
Или последните вести на телевизија
Ги вртиме истите муабети
К’о на лента ставени
Не гледајќи се в очи
За да не мора да си признаеме дека се лажеме
Секој сам себе а и оној карши
Не зборуваме
Одамна не зборуваме
Ти и јас
Сме заборавиле да делиме
Сме изумиле смеејќи се да се надмудруваме
И затоа ломотиме
Како изгребана лонг-плеј плоча сме
Која секојпат на истото место прерипува
И неколку тонови наназад оди
Дур’ еден ден не ти се смачи
Дур’ еден ден не ми се приблуе
Та да ја џиткосаш в ѓубре
Или да ја скршам на парчиња
Ете такви сме ние двајца
Дур’ еден ден и спомените еден за друг
Во првиот контејнер не ги фрлиме
Ех
Одамна не сме она што бевме
А уште помалку она што сакавме да бидеме
А сега веќе сум заборавила
Не паметам ниту како дотука стасавме
Можеби сум остарела
А можеби само сум сакала умов да го исчистам
Само знам дека повеќе немаме што да си кажеме
И избегнуваме в очи да се пулиме
Оти живот повеќе во нив немаме
Ама устите како навиени ни работат
За случки кои и да не се случеле, сеедно ќе е
И сонувам за тоа дека еден ден ќе замолчиме
Дека тукутака ќе речеш „доста е“
И за рака ќе ме повлечеш до себе
Толку блиску за да не знам телото кај ти завршува
Толку блиску за да не знам телово кај ми почнува
И ќе танцуваме во молк
Во таа едноставна тишина што сите муабети ќе ги замени
Во која и двајцата малку ќе здивнеме
За да ја ставам главата на рамото твое
И да ти дозволам да ме водиш без да мрморам
Сонувам како секој на своето се враќаме
Назад
Толку назад за да се најдеме повторно еден со друг
И грешките како вирови на пат да ги прерипаме
А болката мудро да ја заобиколиме
Ете тоа го сонувам дури во усните ти зјапам
Повеќе и не те слушам
Туку само ги гледам како се отвораат и затвораат
А и моите упорно и упорно дробат
Дур’ полека еден од друг се оддалечуваме
Дур’ не се заборавиме
Како никогаш да не сме постоеле
Како да не сме си се случиле
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска