Ана Бунтеска: Како дете

Добивај вести на Viber

Како дете знам да се радувам,

токму така, драги мој

како дете на шарена бонбона

завиткана во светликава хартија

или како она кое за првпат

однесено во забавен парк е

та му се чини оти светот негов е

со очи ширум отворени

со срце мало за да ја збере сета среќа.

Како дете сум

кое кога трча не гледа каде оди

и треба некој да го пази

кое со гума во длабокото плива

без страв дека ќе се издише

та му треба силна рака

која на сигурно ќе го однесе.

Ете, таква сум

ниту повеќе ниту помалку од тоа

наивна, со дланки отворени

во кои сечило држам

и со верба во тебе

во твоите раце го ставам

со безгласна молба да ме поштедиш,

ете, некогаш дури и од себе да ме чуваш

оти децата поинаку не умеат:

или те љубат

или не сакаат да те видат,

та колку и да се обидуваш

до нивната насмевка нема да стасаш.

Како дете,

знаеш, како она во една песна

она кое ширум рацете угоре ги креваше

и на сиот глас викаше:

„Те сакам.

Те сакам до небото и назад.“

Само што моето назад со тебе го снема

па сега не знам како назад да си дојдам

оти не бев умна трошки зад себе да оставам

за патот назад да го најдам.

Како дете,

како дете кое во вир на дождот цапа

и со залепен нос пред слаткарница стои

со подзината уста во небото гледа

за да викне угоре колку грло го држи:

„Чичко, пушти летоци!“

Таква,

таква сум

за радост ко децата сум

ама пусто не научив ко дете да плачам

да врескам дур не заспијам

и да ми олесни

раат малку да бидам.

Ете,

како дете за с` сум,

освен кога однатре плачам

и никој не ме сеќава

дека деновиве само подголтнувам

по една грутка тага вечерам

која ме заситува

до следниот ден

до мигот кога и ти сечилото од раце ќе го испуштиш

и сите чудовишта од под креветот ќе ми ги разбркаш

како за дете што би сторил.

Како за дете.

Како за мене.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска