Ана Бунтеска: Како јас...без тебе, без тебе
како облак без дожд
зима без снег
птица без крила
дрво без крошна
жена без пород
тело без срце
ете таква
таква без тебе сум
половина жена-половина мрша
половина бол-половина страв
лушпа
кожа и коски
а под нив празно
со дупка во градите
пулсирачка мисла во умот
не си мој
не си мој
и твоја нема да сум
а во здивот те имам
вплеткан во косата
со семето твое во порите
и солзите мои во крвта твоја
а мој не си
и твоја нема да бидам
во ова време-невреме
во кое часовникот ми е непријател
а љубовта полна пелин
кога месечината ме гори
и ветрот на кожава боли
и ми студи
со олово во прстите
и метален вкус во устата
ме стега
и боли
ме гуши
таа мисла
таа проклета
што клука
и јаде
телово ми го дроби
и душава ми ја цеди
дека мој не си
дека твоја не можам да бидам
како облак
зима
птица
дрво
жена
тело
како јас...без тебе, без тебе
За Женски Магазин, поетесата Ана Бунтеска