Ана Бунтеска: како љубов на прв и единствен поглед

Добивај вести на Viber

Има ли љубов на прв поглед?

и не знам дал’ би ја нарекла љубов

или можеби препознавање на мирисите

како долгогодишни пријатели да биле душите

и наеднаш се загубиле во времето

ненајдени во неколку животи наназад

а ете, баш во овој – сега и тука

повторно се сретнале

има ли припаѓање на прв поглед

на само неколку секунди откако погледите

во метеж ќе се сретнат

та човек да се преврти наопаку

со утроба од само еден поглед извадена

и глад од која цревата вијат

и вода тече низ оголени песјаци

забревтани како животни

таа – намовната како кучка пред парење

тој – накострешен како ловец пред вкусен плен

постои ли оној миг

кога со само еден поглед

душите се капарисуваат

а телата вјасаат едно кон друго

кога си ги мерите воздишките

СТОП

зар смее умот така да работи

кога денес намирисувањето е луксуз

та во широк лак се избегнуваме едни со други

подалеку од мирисот на слобода

што е можно подалеку од мирисот на мажјак

и од оној на женка кој во машкиот се крие како

навестување

постои ли миг на соединување

кога не се познавате

и побогу!

што е важно ако се препознаете

ако знаете дека не сте си пишани

или е тоа само страв од блискост

постои ли љубов на прв...

или не!

постои ли љубов на втор, трет поглед

или е само илузија потребна да се преживее

да се вкалапи чо’ек во сите непишани правила

еве, не знам, мудра не сум, не умеам да кажам

ама знам само едно

знам дека знам да го препознам

она „нешто“ на прв поглед

од кое умот ми штрака неповрзано

а градите ми се шират к’о сиот воздух на светот

да ќе го зберат

матката ми се стега и опушта

а душава ми завива к’о волк на полна месечина

ете само толку знам

дека постои она „нешто“ на прв поглед

и со секој нов само станувам попитома

покротка и потивка

од она магично „нешто“ кое сите го сакаме

и му се плашиме к’о ѓа’ол од крст

од она што на само еден поглед заробува

и знае со векови мерени во секунди во канџи да држи

она прекрасно и проклето „нешто“

кое доаѓа кога ќе му текне, подготвен бил човек или не

таа магија, тој сладок немир и болка

од „нештото“ кое има нема

ниту облик, ниту мирис или вкус поседува

а сите сетила ги напаѓа

како вирус, како живот, како смрт

како љубов, како љубов на прв и единствен поглед


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска