Ана Бунтеска: Како пред љубовта ќе се правдаме дека ја убивме

Не знам ниту една голема љубов

што поминала со убост

со смеа и радост

без згрчени срца и стиснати дланки

и сега некој ќе рече оти љубовта не боли

еве и јас би сакала да е така

да не боли

да не остава лузни

ниту тажни песни и писма

замачкани од мастилави точки и солзи

и како сега да објаснам дека нашево љубов беше

како да ја кренам главата и гордо да свикам

дека нашава година љубов беше

кога во неа најмалку љубов имаше

кога полна стравови не’ остави

и ги паметиме повеќе ноќите кога раат сме спиеле

без телата да не’ вијат

без зборовите стрели да ни се

со кои срцата си ги избодевме

дека заминувавме полни бес

и се враќавме ко избркани кучиња

со подвиени опаши и клапнати уши

до следното

до следното касање по душите

до следната борба од која крвјосани излегувавме

и секој во својата дупка се пикавме

раните да си ги лижеме

да подзаздравиме

до следното

до следното видување

кое со верба почнуваше

а со војна завршуваше

како да објаснам некому

еве

како себе да си објаснам дека љубов беше

кога еден со друг не се чувавме

ниту од болести се пазевме

кога само се надвикувавме

од очај

од тага

од бес

од пусти бес оти нема да не’ биде

оти крајот уште од почетокот го знаевме

оти лажевме и време купувавме

со ветувања кои во себе ги прекршувавме

како себе ќе се убедиш дека љубов беше

дека љубов е

кога ниту до мене си

ниту пак јас до тебе стојам

кога сам си

и јас сама венеам

со скаменета насмевка

и вкочането тело

облечено во црн долг фустан

а под него рани на телово

под него жива рана која пулсира

кажи ми

кажи ми како пред љубовта ќе се правдаме

дека ја убивме

дека ја изгнасивме

дека нејзината крв на раце ја носиме

кажи ми!

За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска