Ана Бунтеска: Како риба на јадица уловена
како риба
на јадица уловена
со мачно прпелкање
и надеж за слобода
а колку повеќе преташ
јадицата во месо ти се зарива
кожата ти ја раскинува
небаре хартија
та решаваш мудар да си
телото да го смириш
со ум до слобода да дојдеш
и запираш
скоро и да не дишеш
запираш
погледот го замрзнуваш
запираш
крвта не струи
запираш
или замираш
веќе ништо не чувствуваш
дури ниту јадицата
без бол
не крвариш повеќе
оти запрело се’
дури и големото тик так
повеќе не си го слушаш
и некако сеедно ти е
како да е некој друг
во кожата твоја вгнезден
и мислите твои не се
како заглавени
меѓу запчаниците во главата
и тивко ти е
како во ковчег
удобно легнат
и чекаш
нешто
било што
ете само така чекаш
можеби ново утро
револуција
или некој да дојде
и јадицата од устата да ти ја тргне
за да ја отвориш
ширум да зинеш
и да почнеш да врескаш
да ги оглувиш сите со вресок
а чекаш
од ковчегот не стануваш
како да не ти текнува дека раце имаш
за сам да се ослободиш
ама чекаш
спокоен во ковчегот
од сите стравови искован
и чекаш
дур не умреш
чекаш...
...чекаш
За Женски Магазин, Ана Бунтеска