Ана Бунтеска: Како живо сребро низ душава ми лизгаш
Ми лизгаш низ прсти
како вода
како песок во стакленка
како живот
а доволно долго си тука
за да оставиш капки
зрно песок
жиг во моето месо
срцето си го колваш
како ненајаден
умираш секој ден
со ситост во стомакот
и глад во душата
ставаш насмевка
со леснотија
како парфем на себе да клаваш
кловновскиот насмев и во сон го носиш
и таму ноќта го брише
како никогаш да не постоел
утрата ти носат спокој
небаре ако се разбудиш, жив си
а знаеш во себе дека уште еднаш си умрел
дека за нови лаги си се продал
а со годините и сеедно ти станува
ми лизгаш низ душава
како живо сребро
ме болиш
и гориш
ме љубиш од далеку
со страв
со каење
со исколвано срце
нагризани мечти
ми лизгаш
со тенки, остри жилети ме галиш
а јас од секој бол заживувам
без крв опстојувам
потсмешливо на тагата и’ се обраќам
дур ти
ти низ мене лизгаш.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска