Ана Бунтеска: Како животов да може во стихови да се стокми
Ја сакам самотијата,
имаме несекојдневна и силна љубов,
толкава, што страв ме фаќа дека од луѓето ќе се одродам,
дека ќе здивам некој ден,
дека ќе си измислам говор кој само јас ќе го знам,
дека тоа ќе ме чини лудачка кошула која нема да биде тамам.
И еве, втурната меѓу луѓе,
на сила се терам да муабетам,
дур умот ми лебди барем еден метар над сета врева околу мене,
та се терам да се смешкам,
да смислувам навидум интересни шеги,
дур во мене душава од здодевност се протега.
Ме уморува насмевката на сите лица околу мене,
небаре навистина сакаат да знаат како сум и како ми е,
па некогаш (злобно) си велам,
распали Ана, кажи си се’ што на душичката ти лежи и тежи,
само така ќе си сигурна дека никогаш,
ама никогаш и никој повеќе нема да те праша како си.
А велат без луѓе не се живее,
за арно и лошо тука да се, ама луѓе да се,
да се најдат, да им се најдеш,
а мене не ми е тешко да се најдам некому,
ми тежи да барам, за себе збор-два да кажам,
небаре ако изустам нешто ќе се распаднам.
И така, си молчам оти зборовиве тешки ко планина ми се,
со години молчам и на хартија мислите си ги ставам,
а хартијата излезе поиздржлива и од срцево,
оти премолченото, големово тик-так ми го напукна,
та сега лепи, токми, спаструвај,
сите половинки да се спојат, да личи на нешто.
Ете, дури и ова од душава многу е,
а се’ во една песна од шест строфи ми собра,
како животов да може во стихови да се стокми,
ете така да се плукне, да ми олесни,
дури во самотијата удобно и безбедно ми е,
се’ додека еден ден во самотија не се престорам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска