Ана Бунтеска: Ќе биде живот... и смрт
Ќе ти биде арно
И лошо ќе врвиш
Ќе има бури
И сонцето повторно ќе свети
Ќе си го џвакаш џигерот
И радоста пак в око ќе ти заигра
Ќе ти втури дожд од нигде никаде
И ќе ти осамне ден убав наскоро
Ќе сакаш како никојпат дотогаш
И сакана ќе бидеш како првпат да е
Ќе отсакаш несакајќи
И отсакана ќе си без причина
Ќе плачеш на сиот глас
И ќе се смееш од срце
Ќе бидеш нечија прва љубов
И сама в кревет ќе гувееш
Ќе чекориш ко светот твој да е
И ќе боледуваш стуткана в ќош
Ќе си речеш “налет да е се’ ”
И ќе си помислиш зошто токму тебе
Ќе молчиш од убаво
И ќе стравуваш од тишината
Ќе зборуваш од немајкаде
И зборот шуплив ќе ти е
Ќе бидеш ТИ
И ќе глумиш дека некоја друга си
Ќе се стокмиш ко за на свадба
И душата на погреб ќе ти тргни
Ќе ја платиш суетата
И ќе ја наплатиш добрината
Ќе колнеш неправди
И колнета ќе си од неправда
Ќе благословуваш со медовина
И благословена ќе бидеш со вода осветена
Ќе старееш
И младоста ќе те боли
Ќе ти се подмлади мислата
И староста поубава ќе ти се пули
Ќе биди и вака
И онака некогаш ќе стане
Ќе биде рај
И пекол ќе има
Ќе биде живот кога времето ќе дојди
И смрт ќе биде....кога времето ќе одмини
За Женски магазин, Ана Бунтеска