Ана Бунтеска: Ќе се дочекам на нозе

Добивај вести на Viber

Ќе се дочекам на нозе

Без оглед колку високо ќе ме вивнеш

И на кој облак престолот ќе го ставиш

А во него ќе ме крунисаш

Со сите почести како што тоа доликува

На жена која сакана некогаш била

Ќе се дочекам на нозе

Дури и тогаш кога некоја друга

На моето место ќе ја сместиш

И без борба ќе ме натераш да станам

Та со она малку достоинство што го имам

Рака ќе пружам за да и’ честитам на победата

Ќе се дочекам на нозе

Дур удолу патот ќе ме води

И сеедно колку пати попатно ќе паѓам

Со издраскани коленици

Чија болка ќе ја сетам отпосле

Кога и душава ќе се олади

Ќе се дочекам на нозе

Боса и гола

Без ниту едно крпче на себе

А до гуша запетлана во бол

Токму онака како што ме најде

Така на себе ќе се вратам

Ќе се дочекам на нозе

Како и секој пат

Како секоја љубов помината

И низ времето одмината

Без каење и срам

И најмалку со суета полна

Ќе се дочекам на нозе

Оти нема жена

Која да застане на нозе не може

Та сосем неважно е колку си ја здробил

Или колку дозволила слаба пред тебе да биде

Соголена во она што за тебе го носела

Ќе се дочекам на нозе

Како мачка која девет животи тера

Неуморна да сака повторно

Храбра повторно угоре да се вивне

Без да му ја мисли на падот

Без да му се плаши на поразот

Ќе се дочекам на нозе

Со истата верба

Дека сепак има нешто што љубов се вика

Без ронка горчина

И без обвинувања

Од кои мачнина само ќе имам

Ќе се дочекам на нозе

И овој пат круната в раце сама ќе си ја носам

Та угоре или удолу била

На косава ќе ми спие

За да ме потсети

Дека ќе знам

И следниот пат ќе знам

Како да се дочекам на нозе