Ана Бунтеска: Ќе заборавиме
Ќе заборавиме
На се’ ќе заборавиме
Кој тука бил грб да ни чува
Кога дури и сенката сме ја изгубиле
Кој рака подал
Тогаш кога сите в џеб си ги ставиле
Ќе заборавиме кој ни ги забришал солзите
Тогаш кога најтешко ни било
И кој на колената иљач ставил
Кога сме паднале и коленичеле од болка
Ќе заборавиме
Се’ ќе заборавиме
Оти арното не се помни долго
Ама затоа лошото до смрт со себе го носиме
И го вртиме низ умови и усти
Како дете слатка карамела
Се’ ќе заборавиме
Оти така скроени сме
А кројката не ни ја бива
Ниту нешто убо ни носи
Та некојпат си мислам
Како ќе беше поинакви да бевме
Ете поинаку на животот да гледавме
И лошото ко магла да го растеравме
Без на души да ни тежи
А за арното
Е за него ко слепи за стап да се фатевме
И да памтевме дека на арно со арно се враќа
Та и на непознати убост да им сториме
Чунки ќе им текни и тие со другите такви да се
Чиниш сите да прогледаме
На ова слепило од суети што го имаме
И на сета надеж изгубена
Јас уште верба имам
Дека сепак ќе заборавиме
Ама на се’ што тага во срцата ни донело
И што вака или онака не’ поболело
Не за друго
Не за со сила добрина да покажеме
Туку за спас
За спас на душите наши
И за спас на оние кои нашата карма ќе ја наследат
Ете, за нив
Само за нив сила да собериме
И да паметиме
Дека секоја мисла лоша
Со лошо се враќа
И дека секоја мисла алтан
Богатство од луѓе не’ прави
Толку сакам
И толку овојпат имам да кажам
За да не изумам, за да не заборавам
Каква сакам да бидам
Каква сакам да ме памтите
За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска