Ана Бунтеска: Ко ќе ти се расипе механизмот на срцето
Ми прескокна срцево
како да кликна нешто внатре
прескокна и застана
сосем просто и едноставно
само сопре
како стариот часовник на дедо ми
кој не се делеше од него
и еден ден застана
ништо не го поправаше
отишол механизмот по ѓаволите
и му се смееја што од рака не го извади
се смеев и јас со грутка во стомакот
за часовникот кому стрелките мирно стојат
часовникот кој со времето се скарал
а тој на зглобот од раката го местеше
секое утро
без око да му трепне
без да се срами дека ко ќе го прашаат колку е часот
со збрчкано лице и светнати очи ко на дете
ќе речеше...не знам, не работи, застанаа стрелките
дедо ми знаеше
беше мудар и знаеше дека
времето не се мери
се мери само она внатре ко ти работи
дур чука
дур механизмот му работи
дур дишеш
дур еден ден не прескокне
дур не кликне нешто внатре
и прескокне
застане
како срцево...како стариот часовник на дедо ми
кој на рака му спиеше и кога го закопавме.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска