Ана Бунтеска: Кога ќе се опседнеш со смртта

Добивај вести на Viber

кога ќе се опседнеш со смртта

и насекаде ја бараш

ко ѓомити ќе се крие

ако веќе наумила да дојде

и ја гледаш каде и да се завртиш

ти се прпелка во сенката сред лето

во есен паѓа со лисјата

а зимата во здивот ја носи

дур пролетта со неа распупува

си ја гледаш во очите

и низ прсти ја сеќаваш

дур косата ја чешлаш

на усните ти спие

дур ги карминисуваш

ко ќе се опседнеш со смртта

животот станува здив

краток и плиток

несвесно го тераш

како дишењето

ете врват деновите

и пишуваш со невидена леснотија

детето го гушкаш силно

како секој пат да се збогуваш

а не ти се дава

не ти се испуштаат нишките на среќа

кои се ретки и кратки

и туку умот во црното ќе ти забега

и си помислуваш

дека навистина полудуваш

ете така

како во песните што ги пишуваш

а тука си

и стануваш со насмев секој ден

дур ликот во огледало не си го видиш

и знаеш дека и овој ден ќе мине

со измешани мисли

со чувства послани на хартија

со нова песна

неколку телефонски разговори

надеж за љубов

кршење низ реалноста

и низ метежот возиш

со куп посивени лица околу

во чиј одраз и својот го гледаш

како од ист калап излезени

како маски

со испишани датуми на нив

и удрен штембил

од неа

нејзиното величество

смртта


За Женски Магазин, Ана Бунтеска