Ана Бунтеска: Кога те немам

Добивај вести на Viber

кога те немам

рацете ми тежат

како прсти оловни да имам

и влечат надолу

ноктите сами се зариваат

в земја роварат

како да можам да го откопам

чувството за тебе што боли

кога те немам

нозеве како мои да не се

како од колена пресечени

и во главата ми клука мисла

“продолжи да чекориш, проклета да си”

а во место стојам

со погледот удолу

како во жив песок да тонам

кога те немам

очиве не гледаат

како платно врз нив да налегнато

темно и тешко изврзано

и се удирам околу

со оловните прсти напипувам

дур не ми стане сеедно

дур на болката не навикнам

кога те немам

и зборови во себе немам

како со тебе и тие да заминале

на заминување по џебови ти се пикнале

од песните ми избегале

без ниту збогум да кажат

или барем писменце да остават

како тебе, како тебе

кога те немам

и себе почнувам да се барам

оти ми фалиш

како дел од месово ми фалиш

како едно литро крв

како косава што ја отсеков

како смеата која ми замира

како светот да запира

кога те немам

чудно, ти мене уште ме имаш

барем она што во градите ми чукаше

и сиот мој мирис кај тебе е

само сенката тука ми остана

а и таа полека ми бега

со секој минат ден бледее

а со неа и јас...оти е крај, оти крај е

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска