Ана Бунтеска: Колку е лесно да си жена
Велат оти лесно е жена да си
Спастрена секогаш
Дури и тогаш кога душата ти цвили
И солзите однатре ти лијат
Та си ги поткасуваш усните
За да не вреснеш до небо
Кога чекориш ко светот твој да е
На потпетици од кои стапалата те вијат
И тело исправено
Дури и тогаш кога ти иди да се свиткаш
И така ноќта да ја минеш
Никој освен жена
Не знае како е жена да си
Кога од сите болки
Треба насмевка да исткаеш
Со плачот јадењето да го посолиш
Од снагата живот да извадиш
И за него повеќе од за себе да се грижиш
Та велат оти лесно е жена да бидеш
Оти шминката бледилото го крие
И црните кругови околу очите
Кои од наспаност не се
Та се чини оти најлесно е
Кога на раѓање женски плач се слуша
Оти ниту една од нас
Нема да заплаче пред туѓи очи
Туку болката ќе ја џвака во себе
И ќе ја исплука тогаш
Кога во самотија ќе се завитка
Без ниту еднаш да заофка
Или да се пожали некому на глас
Велат
Велат дека жена е лесно да се биде
И оти жените низ векот полесно врват
Небаре патот со рози ни е послан
И на него ниту едно камче нема
А јас знам
Знам по сите жени кои на мојот пат застанале
Дека силата нивна е поголема
Од кревкоста на нивните тела
И благоста која во себе ја носат
И дека плеќите од железо им се
Ама срцата меки ко памук
Ко облак бел на сино и чисто небо
Велат оти жена да си
Не е ништо особено
Ниту дека е тешко во наши чевли да се оди
Ама знам
Како што знае и секоја од нас
Дека најголемиот благослов и клетва е
Кога женско дете в куќа ќе се роди
Оти нејзината среќа лежи во туѓата
И дека од себе ќе земе
За на другите да им даде
Со сета леснотија
Во таа тежина жена да е
Жена да биде
За Женски Магазин, Ана Бунтеска