Ана Бунтеска: колку треба за голем чо'ек да си

Добивај вести на Viber

за голем чо’ек да си

треба душа широка да имаш

чиста к’о тазе испран чаршаф

послана на нов кревет

уб’о испеглана за да се израмнат рабовите

и да мириса на доенче

за голем чо’ек да си

не треба да сториш којзнае што

освен да стоиш пред сенката своја

и да не се криеш никогаш зад неа

к’о мало дете кое се срами да се поздрави

за да си драги мој голем

не треба да пораснeш во висок и строен маж

ниту да се истрчуваш напред без цел

туку спокоен да си и мирен

во постапките мудар и смирен

а ликот к’о на јагне да ми ти е

а не итар к’о лисица да си

голем чо’ек за да станeш

треба големи соништа да имаш

и слобода која во себе ќе ја најдеш

која со пари не се купува

ниту со лаги се создава

оти матна работа е дур’ себе се мамиш

та стануваш нешто ш’о телото не ќе го крепи

затоа

само затоа големите луѓе се сосем обични

тивки и мирни

спокојни и среќни

со топли дланки и отворени срца

со распослана душа и мил поглед

и доволно големи се за да ја наведнат гла’ата

да, токму така

големи за да гледаат удолу и да те заштитат од себе

и гордо горе да ја кренат за да те покажат пред себе

големите луѓе не си ја поганат устата со лаги

ниту рацете со туѓи допири

ниту пак говорат дека големи се

туку молчат

секој збор – алтан

секоја мисла – божилак

секој допир – мелем

бакнежот – живот

а животот – песна

песната – пиле

а пилето – слобода

слободни во себе

за да го распеат и пилето во тебе

ете такви се големите луѓе

таков и мојот човек е

голем и убав

тивок и мирен

со силни дланки за да го држат мојот свет

и меко срце за да ме збере сета

такви се големите луѓе

блиску до себе

блиску до Бог

блиску до Универзумот

за да докажат дека постојат на овој свет

амин!