Ана Бунтеска: колку време треба чо’ек за да прегори

Добивај вести на Viber

Колку треба чо’ек за да прегори

за да му се пеплоса душата

ништо од неа да не остане

за да може после од пепелта да воскресне

небаре Феникс

да се крене

да замириса повторно на убост

да се закрпи по рабовите кај ш’о се поткинал

со главата горе

со ликот повторно светнат

со верба и љубов во себе

колку

колку треба чо’ек за да прегори

сам себе да си прости оти љубов не искрепил

ете

и на другиот, оној спроти него

и нему да му прости оти не го дочувал

да си го исчисти умот од лоша мисла

од бес

и од срам дека не успеал

дека достоен за среќа не бил

ниту пак знаел како да усреќи некого

колку треба

колку време треба чо’ек за да прегори

колку време им треба на оние кои време немаат

или пак во времето не веруваат

за да кажат

„ПРОСТЕНО ТИ Е

за сите ноќи неспани ти простувам

и за оние полни кошмари

за сета горчина во градиве

и онаа во устата што се собрала

за сите брчки со кои ме нагости

и оние кои сама си ги сторив

со стегање на усните за да не врескам

за сета тага која ја голтав

како вкусна вечера за двајца поставена

за отровот кој како вино го пиев“

колку

знае ли некој да ми каже колку време треба

за да простам, за да заборавам

оти јас знам само колку време те љубам

и знам колку време ми требаше во книга да те ставам

колку време усните на моиве ти спиеја

и рацете на телово ти беа

знам колку време ме болиш

и колку време себе, заради тебе се болам

и прстиве што за тебе стихови везат

ама не знам

еве не знам колку време треба за пребол

да ТИ ПРОШТЕВАМ

не знам колку време за заборав треба

ниту чо’ек пак цел за да биде

можеби к’о што блиските велат

„следната година ова време на болката в лице

ќе ѝ се смееме“

и проклетство

сакам така да е

да седам во кафеана со моите луѓе

со оние кои тебе во очиве те гледаа

и молкум да наздравиме

со мал насмев на разбирање

дека си ми минал

дека си само спомен

дека сум прегорела

дека сум жива

дека сум ти простила

простено

простено да ти е

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска