Ана Бунтеска: Кротка љубов

Добивај вести на Viber

Кротка љубовта да ти е

Како галеж

Како песна 

Од која кожата ти се морничави

Како свила на голо

Во жежок и летен ден

Како воздишка од среќа

Меѓу тазе пеглани чаршафи

Нема ништо поубаво

Од кротка љубов

Во која брзање нема

Која е како море мирно

Чиниш тепсија е водата

А во неа рајот се огледува

Та душата да ти се одмори 

Во таквата љубов да ти здивни

Небаре сите коцки на свое место се

Без да недостасува некоја

Од која сликата е непотполна

Кротка љубовта да ти е

Како збор нежен кој го шепотиш

И од кој утеха некому даваш

Како мисла со која ќе гоштеваш

И која спокој носи во тежок ден

Кротка

Кротка љубов да имаш

Оти за бура секој знае

И за бура секој умее

Ама да имаш некој крај себе

Кој кроткост ќе ти буди

Е како дома да си пошол

И како на своето да си дошол

Без ѕенѕање во утробата

Без страв во коските

Без прашалници во главата

И без немир во рацете

Кротка љубовта да ти е

И кон себе

И кон тој до тебе

Оти само кротката љубов вирее

И само таквата љубов за навек трае

И за време на живот

И после него

Та мир носи и во смртта

Оти останува и после неа

Само кроткоста во љубовта

Е она што човек те прави

Достоен за среќа

Достоен за љубов

Достоен за живот во љубов


За Женски магазин, Ана Бунтеска