Ана Бунтеска: Ликот на љубовта

Во синилото на небото

Во појот на птиците

Во капките пролетен дожд 

Во првиот сончев зрак

Во мирисот на искосена трева

Во белината на снегот

Во летната спарина

Во зимската пареа при дишење

Во броењето чекори при средба

Во срцебиењето пред него

Во трепетот меѓу градите

Во првиот бакнеж

Во стисокот за рака

Во вечерните воздишки

Во бесцелната прошетка

Во утринското кафе

Во првиот загриз на сочното јаболко

Во гласот од кој се наморничуваш

Во дланката која ти шета низ грбот

Во мислите кои насмев ти мамат

Во стутканата постела после кавга

Во мигот кога во тебе нов живот се зачнал

Во првиот здив и плач на чедото

Во изгуганото “ма...ма”

Во заедничките прегратки

Во мирисот на палачинките за појадок

Во аромата на виното отворено без повод

Во музиката на која танцуваш со затворени очи

Во неговиот шепот дека убава си

Во твоето “те љубам”

Во вашето “ние против светот”

Во времето кое не го броите

Во посветеноста која не ја мерите

Во испреплетените прсти кога животот удира шлаканица

Во стареењето еден до друг

Во радоста оти од чедото, чедо имате

Во утехата дека смртта е само чин

Во надежта дека ќе се најдете во некој друг живот

Во спомените кои ќе останат

Во радоста дека крајот е повторно заеднички почеток

Во тебе

Во мене

Во сите нас и сите вас

Ете таму ликот на љубовта е

Дури и тогаш кога не се гледа со око

Ами со душа...со душа чиста

И со срце ширум отворено

Како огледало, огледало на љубовта


За Женски Магазин, Ана Бунтеска