Ана Бунтеска: Љубов бестрашна
Страв в коски ни втераа
Демек кротки да сме
Да не пребаруваме
Отповеќе во среќата да не загризуваме
Како во јаболко сочно заби да не зариваме
Оти алчноста грев најголем била
Та не’ научија од малку-многу да гледаме
И од љубов-песочно зрно
Замок да си стокмиме
Синкир ќе не’ збере внатре
Синкир со покрив над главата ќе сме
Ех...умот кај ни беше
Кога стравот пусти
Од душман-пријател го сторивме
И пред животот бело знаме кренавме
Чунки со страв живеачка не бива
Оти така не се диши
Така душата не цути
И стутулени во чаури
Кои претесни ни беа
Се откажавме од соништата прво
А потем и од желбите
Храброста ја продадовме
И со неа сомнеж купивме
Сомнежот го украсивме
За да се тешиме оти така на сите им е
И дека со ништо поарни не сме
Дека поубаво не заслужуваме
Шутрак ти
А поголем шутрак од тебе јас
Будала ти
И поголема будала од тебе јас
Страшливец ти
И поголем страшливец од тебе јас
Оти еден за друг не се изборивме
И на стравот во очи не му плукнавме
Та еден зад друг да застаниме
Зад љубовта која страв не признава
Оти ништо на светов не вреди
Ако љубовта си ја запустиш
Дали за шака парички
Дали за туѓи зборови
Или за празни муабети
Ако за љубов неук си
И ако од неа се засрамиш
Достоен за светлина нејзина не си
Ниту ќе бидиш
Ниту ќе бидам
Улави
Кутри и улави...и ти и јас
За Женски Магазин, Ана Бунтеска